ПОЛНА САЛА И ДВА БИСА – БЛЕСКАВ СТАРТ НА СЕЗОНАТА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА СО ФРАНЦУСКИОТ ПИЈАНИСТ ДЕБАРГ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со долги аплаузи, два биса и со полна сала вистински љубители на класичната музика помина вчерашното отворање на новата концертна сезона на Македонската филхармонија.

Концертот „Ново утро“ донесе нови стандарди на музичката сцена во Македонија, особено со настапот на Лука Дебарг, кого со право светската критика го нарекува „нова сензација во класичната музика“, задоволно велат од Филхармонијата.

Полна сала на стартот на новата концертна сезона 2018/19 (Фото: Македонска филхармонија)

На неговото прво гостување во Скопје, францускиот пијанист настапи со едно од најкомплексните дела за пијано – Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев, кој во неговите раце звучеше маестрално, длабоко емотивно, драматично и технички беспрекорно.

„Лука Дебарг нѐ однесе во еден друг, прекрасен свет“, „Ваков пијанист одамна немало на македонската музичка сцена“, „Што да слушаме сега, после неговиот настап?“, беа дел од коментарите на публиката.

На концертот „Ново утро“ диригираше маестро Јерухим Шаровски од Израел (Фото: Македонска филхармонија)

„На изведбата на ‘Фантастична симфонија’, најпопуларното дело на францускиот композитор Ектор Берлиоз, оркестарот блесна на сцената, предводен од врвниот маестро Јерухам Шаровски од Израел“, додаваат од Филхармонијата.