Канадскиот пејач Мајкл Бубле објави дека ја прекинува кариерата, со цел целосно да се посвети на лекувањето на неговиот син, кој боледува од рак. Тој изјави дека повеќе нема желба за слава и ќе се повлече од јавноста откако следниот месец ќе му излезе албумот „Љубов“.
Емотивното интервју на Бубле уследи откако пред две години ја стави кариерата во мирување, кога на синот Ноа му беше дијагностициран рак на црниот дроб. Петгодишниот Ноа сега е во фаза на лекување и болеста се повлекува.
Бубле и аргентинската актерка и манекенка Луисана Лопилато ги имаат и двегодишниот син Елијас и двомесечната ќерка Вида Амбер.
„Дијагнозата на мојот син ми помогна да видам што сум постигнал во кариерата и ми ја смени перцепеција за животот и постоењето“, кажа 43-годишниот пејач, кој има продадено 75 милиони албуми и е добитник на четири Греми награди.