Вечерва во 21 часот, во Јавна соба ќе се отвори осмото издание на Неделата на дизајн во Скопје. Годинава, Земја во фокус е Германија, која ќе се претстави со 12 светски познати дизајн студија. На отворањето ќе настапи српскиот диџеј Марк Фанк. Настаните од Неделата на дизајн, која ќе трае до 25 ноември, ќе се одржуваат и во галеријата „Лукс“.
„Германија е моторот на Европа во поглед на индустриски развој, производство и извоз и земја број еден во светот за организирање меѓународни саеми и за поврзување на бизниси. Добриот и квалитетно дизајниран мебел може да има успех само ако производителот успее да го пласира на светските пазари, а она што е најтешко за најголемиот дел од македонските производители е долгорочниот пласман на светските пазари”, вели организаторот Александар Вељановски.
Катрин Фринсфелд, аташе за култура во германската амбасада во Скопје, вели дека на Неделата на дизајн поканиле дизајнери од повеќе градови во Германија, за да го покажат концептот на соработка, што е карактеристичен за нив.
Во Јавна соба ќе биде поставена и меѓународната изложба ЕКСПО, составена од домашни производители и млади перспективни дизајнери од целиот регион, а ќе има и студентски изложби од две академии за дизајн.