ГЕРМАНСКИ НАУЧНИЦИ ЌЕ ПРАВАТ ХУЛАХОПКИ ОД РАСТЕНИЈА

Штутгарт, (ДПА)

Андреа Крусе има визија, наскоро жените да може да носат не само најлонски хулахопки, туку хулахопки од трева, корен од цикорија или од стари векни леб. Тие ќе се направат благодарение на техника која ги претвора сурoвините на база на растенија во биопластика.

Крусе е раководителка на Одделот за технологии за конверзирање на обновливи ресурси на Универзитетот во Хохенјам. Таа и тим од научници лансираа прототип зa биорафинерија во стара кланица на германска фарма, каде Универзитетот има станица за истражување.

Таму, растението мискантус, познато како кинеска трска, се користи за да се направи хидроксиметилфурфурал (ХМФ), редок материјал што се користи за производство на шишиња, делови на коли, или за хулахопки. Нивниот план е со ХМФ да ги заменат суровините засновани на фосилни горива.

Универзитеот засадува кинеска трска на неколку полиња, и засега околу 100 хектари се засадени.

„Нашата идеја е да ги поттикнеме земјоделците да ги користат нивните помалку употребливи полиња за да го вклучат производството со биорафинерија на нивните земјишта. Тие ќе имаат бенефиции и ќе ги снабдуваат индустриските партнери преку разни начини. Меѓу потенцијалните индустрии се производители на храна за бебиња, компании за пијалоци, спортска облека и за хулахопки“, вели Крусе.