Денеска во 13 часот, во Националната галерија на Македонија-Мала станица ќе се отвори изложбата „Дај му форма на животот“. Изложбата е дел од ликовно-едукативниот проект „Уметност за сите“ на Галеријата и на холандската амбасада во Македонија, наменет за децата со аутизам и со оштетен говор, слух и вид, од најрана училишна возраст до завршување на средното образование.
Целта на проектот, кој во повеќе фази ќе трае до крајот на 2019 година, е социјална и општествена инклузија на лицата со попреченост преку културата и уметноста.
Според координаторката на проектот Маја Димитрова, во овие креативни работилници со глина учествуваа децата од училиштето за слепи лица „Димитар Влахов“, децата од училиштето за деца со оштетен слух и говор ДУЦОР „Партение Зографски“, како и учениците од паралелката за меѓународна матура од СУГС гимназијата „Јосип Броз Тито“.
„Тие работеа со глина, бидејќи таа со своите пластичност и можност да се одзема и додава, лесно се обликува и овозможува учениците брзо да ги реализираат своите желби. Во одлична работна атмосфера, тие создаваа уметност, ја покажаа својата инвентивност, но и се приближија едни кон други. што е и главната цел на ваквите проекти“, вели Димитрова.