ПИЈАНИСТОТ ДИНО ИМЕРИ СЛАВИ 10 ГОДИНИ КАРИЕРА СО КОНЦЕРТ И ГОСТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот Дино Имери вечерва со концерт во Македонската филхармонија ќе одбележи 10 години уметничка кариера. Специјални гости ќе бидат Влатко Стефановски, Благој Нацоски, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, Бојан Илкоски, Марија Јакимовска, Богдана Бушевска, Биљана Јосифов, Инес Неделковска, Ади Имери и Ивана Коцевска. Ќе диригира Дијана Имери-Илкоска.

Ќе бидат изведени дела од класичниот репертоар, како Равел, Пјацола, Дворжак и Доплер, но и дело од Дамир Имери и авторската композиција на Дино Имери „Сон”, напишана за Благој Нацоски, а организаторот „Баги комуникации“ најавува и изненадувања.

„Програмата е конципирана така да ја прикаже разноликоста на мојата дејност низ овие десетина години, а со тоа и да ѝ биде допадлива на публиката. Секој гостин си носи свој печат, како и своја историја во заемната соработка со мене“, вели 28-годишниот Дино Имери.

Имери се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со Људмила и Борис Романови (во чија класа и дипломираше на Факултетот за музичка уметност во Скопје со цум лауде), како и со Симон Трпчески, во чија класа магистрираше на 22-годишна возраст со просек 10 и со цум лауде.

Досега многупати настапувал низ Македонија и во странство, редовно одржува рецитали, а активен е и во камерната музика, настапувајќи со разновидни ансамбли.