ЛАДИСЛАВ ЦВЕТКОВСКИ СО ИЗЛОЖБАТА НА ПЛАКАТИ „ЦРНИЛА“ ВО МАЛА СТАНИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 18.30 часот, во Мултимедијалниот центар Мала станица ќе се отвори изложбата „Црнила“ на уметникот и графички дизајнер Ладислав Цветковски.

Изложбата е пресек од 70-ина плакати од циклусот „Црнила“, кои Цветковски изминативе години ги објавуваше на социјалните мрежи, а сега првпат ќе бидат прикажани во печатена форма.

„На 20 февруари 2015, мотивиран од енергијата на студентските протести и инспириран од случувањата во Македонија, Цветковски на своите блог и Фејсбук профил го сподели плакатот ’Црнила’. Тоа беше почетокот на неговиот проект ’Мои коментари’. 2015 година, во исклучително загадениот и контролиран медиумски простор, единственото место кадешто Ладислав Цветковски можеше да ја реализира силната потреба да даде личен коментар за бруталната вистина беа социјалните мрежи. Циклусот го заврши на 31 октомври 2017 и до тогаш создаде 177 авторски дигитални плакати, од кои три се анимирани. Иако плакатите коментираат конкретни настани, изјави, однесувања на личности, менталитет и состојби, Цветковски вели дека со нив упатува универзални пораки и потсетува на одредени изгубени вредности“, вели историчарот и теоретичар на уметноста Небојша Вилиќ.