„МЕРИ ПОПИНС“ СО ЕМИЛИ БЛАНТ ОД ДЕНЕСКА ВО СКОПСКИТЕ КИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дизниевиот хит „Враќањето на Мери Попинс“, во режија на Роб Маршал, од денеска игра во скопските кина Милениум и Синеплекс.

Повеќе од 50 години по филмот со Џули Ендрјус, кој освои пет оскари, строгата и љубезна дадилка ја игра британската глумица Емили Блант. Во екипата се и Емили Мортимер, Лин-Мануел Миранда, Мерил Стрип, Колин Фирт, Анџела Ленсбури и Дик ван Дајк.

„Филмот ја пренесува приказната за совршената дадилка со волшебни вештини, која дури и рутинските задачи може да ги претвори во незаборавна, фантастична авантура. Во новото продолжение, Мери Попинс се враќа за да ѝ помогне на новата генерација на семејството Бенкс повторно да најде радост и чудо, по загубата на сакана личност“, најавуваат кината.