МАКЕДОНСКИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ САНДЕНС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ (Honeyland) е примен во официјалната програма на фестивалот Санденс во Јута (САД), каде што ќе ја има својата светска премиера.

Во конкуренција на уште 11 документарци од цел свет, филмот првпат ќе биде прикажан на 28 јануари, а потоа ќе има уште седум проекции за време на фестивалот, чие 38. издание ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари.

Режисери на филмот се Тамара Котевска и Љубо Стефанов

„Влегувањето на ‘Медена земја‘ во официјална конкуренција на долгометражни документарни филмови на еден од најзначајните фестивали на светот е од големо значење за екипата на филмот, но и за македонската кинематографија. Санденс е фестивал на ниво на оние во Берлин, Кан и Венеција. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм со мнозинска домашна копродукција да влезе во конкуренција на Санденс“, вели продуцентот Атанас Георгиев.

Режисери на филмот се Љубо Стефанов и Тамара Котевска, сниматели се Фејми Даут и Самир Љума, Георгиев е и во улога на монтажер, а музиката е дело на групата „Фолтин“.

„Медена земја“, чие снимање почна во 2015, е приказна за Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, која живее со својата мајка во централна Македонија.

„Филмот е повеќеслоен. Го покажува животот и опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба на природните ресурси. Тоа, всушност, е и принципот на одгледување пчели на Атиџе, која половина од медот зема за себе, а половина им го остава на пчелите. Човекот треба да зема од природата колку што му треба“, изјави режисерот Љубо Стефанов.

Основан од Роберт Редфорд, Санденс важи за најреномиран фестивал за независен филм на светот.