Грендмастер Флеш, еден од пионерите на хип хопот, ќе гостува во Скопје на 26 февруари, во рамките на својата турнеја, насловена „Хип хоп: луѓе, места и нешта“. Концертот ќе се одржи во клубот „Станица 26“ и со него ќе се одбележат 15 години постоење на „SureShotz Entertainment“.
Шеесет и едногодишниот Џозеф Садлер, како што е вистинското име на Грендмастер Флеш, ќе се претстави со двочасовен диџеј сет, со кој ќе ја проведе публиката низ четиридецениската историја на хип хопот.
Грендмастер Флеш и неговата група се првите хип хоп уметници кои биле примени во Рокенрол куќата на славните, во 2007 година. Садлер ја почнал кариерата во средината на 1970-ите, прво како диџеј, за потоа да ја оформи својата група, прво трио, а потоа петчлен состав, која ги измислила термините хип хоп и Ем-Си. Тој, исто така, е заслужен за воведувањето на некои иновативни диџеј техники.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба на 21 јануари, по почетна цена од 600 денари, а потоа ќе бидат 800 и 1.000 денари.