НЕ СУМ НАЈУБАВА НИ НАЈПОПУЛАРНА, НО СУМ ОДЛИЧНА – ПИНК ДОБИ ЅВЕЗДА НА ПАТЕКАТА НА СЛАВНИТЕ

Лос Анџелес, (Билборд)

Поп пејачката Пинк, во присуство на сопругот Кери Харт и нивните две деца, ја доби својата ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд.

„Ова е надреално. Неодамна размислував и се навраќав на кариерата, која некако успевам да ја одржувам. Мојот прв договор за албум го потпишав пред 23 години“, рече добитничка на Греми награди пред собраната толпа.

Таа се осврна и на проблемите со кои се соочила во кариерата, вклучувајќи ги одлуките да излезе од неуспешен женски бенд и да се исчисти од дрога.

„Постигнав сѐ што точно сакав да постигнам. Затоа што отсекогаш знам кои ми се силни точки. Не продавам секс и парфеми, не сум најубава, ниту најдобра. Згодна сум, имам доволно талент и работам на моите вештини. И кога не продавав албуми, ги полнев салите. Не морав да победувам на натпревари за популарност. Сакав да бидам уметник кој оди на турнеи и да биде одлична во тоа што го работи. И на речиси 40 години, можам да кажам дека сум одлична во тоа што го работам“, рече Пинк, стандарно користејќи пцовки.