„Понор“, третата збирка раскази на Златко Ѓелески, ќе биде промовирана вечерва во 19 часот во Џебното кино на Младински културен центар во Скопје. Книгата е дел од едицијата „Наше маало“ на издавачката куќа „Бегемот“.
Книгата се состои од 23 фантастични раскази, сместени во градот Понор.
„Понор не е видлив со голо око, тој е таен град кој се крие на опачината на реалноста, до кого читателите можат да дојдат со помош на нивната имагинација. Во збирката, читателот е патник низ крвотокот на Понор и се запознава со мали ликови способни за големи нешта. Понор е негатив на Скопје кое никогаш не постоело, град од некое друго вчера и денешно утре, до кое не смее да дојде“, се вели во најавата на промоцијата.
Писател, филмски критичар и радиоводител, Ѓелески е еден од ретките автори на хорор литературата во Македонија и „Понор“ е негова трета книга за период од шест години.