Британската пејачка Џос Стоун одржала концерт во курдскиот дел на Сирија, откако со криумчарење ја поминала границата.
Стоун на Инстаграм објави дека е „среќна, оти ништо лошо не се случило додека ја минувала границата“. Таа настапила пред мала публика од 70-ина луѓе во Дерика, во североисточниот дел на Сирија. Не е познато која граница ја преминала, но во овој дел, Сирија е опкружена со Ирак и Турција.
„Мојата цел е да посетам секоја земја на планетата за време на светската турнеја“, изјави Стоун.
„Мејл“ објави дека Стоун ја придружувал Пол Конрој, фоторепортер кој беше со новинарката на „Сандеј тајмс“ Мари Колвин кога беше убиена во сирискиот град Хомс.
„Успеавме да влеземе во Сирија. Малку беше страшно поминувањето на границата, бидејќи немавме поим што може да нѐ пресретне. Моравме да им веруваме на луѓето кои нѐ водат“, напиша таа на Инстаграм.