ЗАКЕРБЕРГ ЛАНИ ИЗГУБИЛ 8,7 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, НАЈБОГАТАТА ЖЕНА НА 15. МЕСТО НА ЛИСТАТА НА „ФОРБС“

Њујорк, (Форбс)

Богатството на Марк Закерберг минатата година се намалило за 8,7 милијарди долари, покажа најновата годишна листа на магазинот „Форбс“.

Вредноста на акциите на Фејсбук лани во еден момент падна за третина по скандалот со личните податоци на корисниците. И покрај тоа, Закерберг останува меѓу десетте најбогати луѓе на светот.

Според „Форбс“, на светот моментално има 2.153 милијардери, од кои најмногу во САД – 607, а 252 се жени. Нив ги предводи наследничката и претседателка на козметичката империја „Л‘Ореал“, Франсоаз Бетенкур-Меерс, која „тежи“ 49,3 милијарди долари, со што е 15. најбогатиот човек на светот.

Таа за првпат се појави на оваа листа лани, по смртта на мајка ѝ Лилијан Бетенкур и во меѓувреме го зголемила своето богатство за 7,1 милијарда долари.

Со 21 година, Кајли Џенер е најмладиот милијардер на светот, благодарение на компанијата „Кајли козметикс“, која лани имала приход од 360 милиони долари.

Најбогатите луѓе на светот:

  • Џеф Безос – 131 милијарда долари
  • Бил Гејтс – 96,5
  • Ворен Бафет – 82,5
  • Бернар Арно – 76
  • Карлос Слим Хелу – 64
  • Амансио Ортега – 62,7
  • Лари Елисон – 62,5
  • Марк Закерберг – 62,3
  • Мајкл Блумберг – 55,5
  • Лари Пејџ – 50,8