Грета Тунберг, 16-годишната активистка која ги покрена глобалните протести на младите што го свртуваат вниманието кон климатските промени, е избрана за жена на годината во Шведска, во традиционалниот избор по повод 8 Март.
Тунберг ги почна своите акции во август минатата година, протестирајќи еднаш неделно пред парламентот во Стокхолм, што го инспирираше глобалното ученичко движење #FridaysForFuture. Ова треба да кулминира на 15 март, за кога се закажани повеќе од 860 протести пред градските собранија и националните парламенти во 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија.
„Неверојатно, не ми се верува! Ова е голема чест и забавно е што тоа што го правам има ефект“, изјави Тунберг.
Таа го привлече вниманието на меѓународната јавност со говорот на Самитот за климатски промени на Обединети нации, што се одржа во Катовице во декември, по што илјадници ученици, од САД до Јапонија, се придружија на протестите #FridaysForFuture. Тунберг им се обрати и на најмоќните луѓе на светот на Светскиот економски форум во Давос, како и во Европскиот парламент во Брисел.
„На возрасните не им е гајле за мојата иднина. Се наоѓаме среде најголемата криза во човечката историја, а никој не презема ништо за да го спречи ова што се случува, па затоа јас морав да направам нешто. Јас не можам да гласам на избори, па ова беше мојот начин да се чуе мојот глас. Неверојатно е колку се проширија протестите и со која брзина“, кажа Тунберг во интервјуто за „Ролинг стоун“.