КЕВИН СПЕЈСИ СЕ ИЗВИНИ ШТО ЗАВЕДУВАЛ 14-ГОДИШНО МОМЧЕ И ПРИЗНА ДЕКА Е ГЕЈ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Прославениот американски актер Кевин Спејси јавно се извини, откако беше обвинет дека пред повеќе од 30 години сексуално вознемирувал 14-годишно момче, по што призна дека е хомосексуалец.

Во интервјуто за „Базфид њуз“, актерот Ентони Рап излезе со шокантно откритие дека тогаш 26-годишниот Спејси се обидел да го заведе на една забава во Њујорк, кога тој имал само 14 години.

Двократниот оскаровец не ја негираше оваа случка, но вели дека не се сеќава на неа.

„Ужасно ми е што ја слушам оваа приказна. Многу го почитувам Ентони Рап како глумец. Искрено, не се сеќавам на оваа случка, мора да поминале повеќе од 30 години. Но, ако сум се однесувал како што вели тој, тогаш најискрено му се извинувам за моето пијано однесување“, изјави Спејси.

Тој дополнително ја откри една од најголемите јавни тајни во Холивуд – дека е геј.

„Знам дека има приказни за мене. Во животот сум имал романтични врски и со мажи и со жени, но сега одбрав да живеам како хомосексуалец“, призна Спејси.

Рап кажа дека се охрабрил да го сподели своето непријатно искуство со јавноста, откако десетици жени, најмногу актерки, го обвинија моќниот продуцент Харви Вајнстин за сексуално вознемирување и силување.