„Без библиотеки, ние не би имале ни минато, ни иднина“, своевремено рекол писателот Рој Бредбери.
Иако би помислиле дека во сегашната дигитална ера тие го губат своето значење, последната генерација библиотеки се поставува како прекрасно дизајнирани културни, социјални и јавни центри.
„ООДИ“, ХЕЛСИНКИ
Во структурата од 17.250 квадратни метри книгите зафаќаат само една третина од просторот.
„Нашата цел е да поттикнеме социјална интеграција и едукација“, вели директорката Ана Марија Соининвара.
„Ооди“ е замислена како јавна дневна соба, па располага и со кино и студија за снимање и тука се одржуваат изложби, јавни настани и работилници за нови технологии.
ТИНГБЕРГ, КОПЕНХАГЕН
Во својот најтесен дел, структурата е широка само 1,5 метри. Со своите 1.500 квадратни метри, таа е продолжение на локалното училиште и содржи соби за состаноци и кафуле и е домаќин на работилници, концерти и детски театар.
КАЛГАРИ, КАНАДА
Зад фасадата со хексагонална геометрија се одвиваат и забавни и сериозни активности. Детската библиотека и игротеки се на приземјето, а на четвртиот спрат се наоѓа големата соба за учење. Терасите во вид на амфитеатар овозможуваат активностите да се прошират и надвор. Зградата од 22.300 квадратни метри е дизајнирана од прославеното норвешко студио „Снехета“.
ХАНОИ, ВИЕТНАМ
Со изглед на голема дрвена рамка за качување, ова здание претставува хибрид на библиотека и фарма. Целта е градските деца да учат за самоодржливи екосистеми, додека имаат пристап кон книги. Меѓу растенија и кокошки, децата можат да се играат, читаат и учат.
ТИЈАНЏИН, КИНА
Футуристичката петкатница со површина од 33.700 квадратни метри е обложена со книги од подот до таванот. Во центарот на објектот се наоѓа сферичен аудиториум замислен како јавен простор за околу 110 луѓе.