БОЛНИОТ МИК ЏЕГЕР СНИМЕН НА ПЛАЖА ВО МАЈАМИ ОТКАКО „РОЛИНГ СТОУНС“ ЈА ОТКАЖА ТУРНЕЈАТА

Мајами, (Дејли мејл)

Мик Џегер беше снимен како се игра со својот двегодишен син Деверо на плажа во Мајами, ден откако „Ролинг стоунс“ ја откажа распродадената турнеја во Северна Америка поради неговата мистериозна болест.

Седумдесет и петгодишниот Џегер им се извини на фановите, но не појасни за што станува збор, откако лекарите му кажале дека во овој момент не смее да оди на турнеја. Место на сцена, Џегер беше виден како ужива со своето семејство, а во Мајами го придружуваа и девојката Мелани Хамрик и ќерката Џорџија Меј.

Турнејата на британските рок титани требаше да почне на 20 април токму во Мајами и содржеше 17 датуми во САД и Канада. Членовите на бендот биле подложени на редовен лекарски преглед пред почетокот на турнејата, кога кај Џегер бил утврден здравствен проблем, за кој било потребно лекување. Други детали за неговата состојба нема.

„Знам дека ова е големо разочарување за сите, но некои работи треба да се средат. Мик, секогаш сме со тебе“, изјави гитаристот Кит Ричардс.