Дваесет и второто издание на Скопје филм фестивал се отвора вечерва во 20 часот во киното Милениум, со премиерата на „Втора шанса“, првиот долгометражен игран филм на режисерката Марија Џиџева.
„Втора шанса“ е македонско-српска копродукција на „Смол мувс филмс“ и „Биберче продукција“, снимен според сценариото на Огнен Георгиевски. Филмот е современа драма, а играат Мирјана Карановиќ, Даниела Ивановска, Наталија Теодосиева, Јорданчо Чевревски, Дениз Абдула и Златко Митрески. Директор на фотографија е Дејан Димески.
За време на СФФ до 25 април, вкупно ќе се прикажат 58 играни, кратки и документарни филмови, а ќе има и работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, презентации и дискусии. Филмовите се распоредени во 11 програми, меѓу кои и Омаж на Мето Јовановски.
Во Гала програмата ќе се прикажат: „Фаренхајт 11/9“ на Мајкл Мур, новиот филм на Емир Кустурица „Ел Пепе, еден возвишен живот“ посветен на поранешниот уругвајски претседател Хосе Мухика, како и „Тврдина“ на Игор Зајцев, „Хотел Мумбаи“ на Антони Марас и новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи, „Три лица“.
Ретроспективата во чест на Мето Јовановски свечено ќе започне утре во Кинотеката со „Кога ќе осамне денот“ во режија на Горан Паскаљевиќ. Во рамките на оваа програма ќе бидат прикажани осум филмови, меѓу кои и „Тетовирање“ (1991), и „Пресуда“ (2014).