МАРТИНА ЃОРЃЕСКА Е ДЕВОЈКАТА ОД МУРАЛОТ „ТАМБУРИЦА“ НА ХРВАТСКИОТ УМЕТНИК ЛОНАЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот уличен уметник Лонац заврши со сликањето на муралот „Тамбурица“ во рамките на новиот парк што се уредува зад Филхармонијата во Скопје, за кој како инспирација му послужила девојка која тука ја запознал. Лонац дојде на покана на Младински културен центар (МКЦ) и по краткото запознавање со Скопје, почнал со работа на ѕидот на Средното музичко и балетско училиште „Илија Николовски Луј“.

„При пристигнувањето во Скопје, Лонац случајно се запознал со Мартина Ѓорѓеска и со нејзиното друштво, па така и сосема случајно дошол до идеја за композицијата на муралот. Неколку фотографии од Мартина на велосипед со инструмент во рака биле главната инспирација за муралот насловен ‘Тамбурица‘, кој сега го краси ‘музичкиот дел‘ на Скопје“, велат од МКЦ.

(Фото: МКЦ)

Лонац е светски познат уметник, кој најдобро се препознава по фотореалистичните мурали. Неговите дела, создадени со спреј и четка, обично се под влијание на скејтборд културата, стриповите, графитите, филмовите, музиката, но и денешните социјални проблеми. Неговото последно дело „Изгубен билет“, реализирано во Белгија непосредно пред доаѓањето во Скопје, беше издвоено од специјализираниот портал за улична уметност „Стрит арт тудеј“ како еден од најдобрите седум мурали направени низ светот во април.

„Тамбурица“ се додава на низата проекти на МКЦ за поддршка на уличната уметност, како што се: „Градот убав“ – прва галерија на отворено за урбана и графити уметност во Скопје, муралите на фасадата на МКЦ на тема „Индоктринација“ изработени од повеќе домашни автори, новиот мурал на групата ЗЕРО во МКЦ, како и бетонските постаменти што деновиве се поставуваат низ Скопје. Покрај Лонац, МКЦ во изминатиот период ги реализираше и соработките со Векс ван Хилик од Франција преку проектот „Петел и лисица“, поставен на зграда на булеварот 11 Октомври, како и со Фарид Руеда од Мексико, чиј мурал се наоѓа на Природонаучниот музеј.