АМБИЕНТОТ НА АМЕРИКАНСКИТЕ ПАНАЃУРИ ПРЕНЕСЕН ВО СКОПЈЕ НА ПРОСЛАВАТА НА 4 ЈУЛИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Амбиентот и атмосферата од американските панаѓури синоќа беа пренесени во американската амбасада во Скопје на приемот по повод Денот на независноста – 4 Јули. Во дворот беа поставени куќарки со забавни игри и место за фотографирање, а се служеа и традиционални храна и пијалоци кои ги има на панаѓурите низ градовите во САД.

Премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица и в. д. амбасадорката на САД Микаела Швајцер-Блум

Сезоната на панаѓури во САД почнува токму на 4 јули. На овие големи собири доаѓаат Американци од сите сфери на животот за да ги слават летото, заедницата и иновацијата, но и да се забавуваат. Фармерите ги покажуваат најдобрите грла добиток и своите производи, бизнисмените своите најнови иновации, политичарите лобираат за гласови, а студентите покажуваат што имаат научено.

Претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета

„Во наредните месеци, Американците ќе уживаат во локалните традиции и во храната на панаѓурите од Пеорија до Бангор, од Боиси до Талахаси. Тоа ќе биде и можност да се разговара со градоначалници, сенатори, а оваа година и со претседателски кандидати. За политичарите, панаѓурите се одлична можност да се конзумира не само храна, туку и идеи, критики и пофалби од граѓаните. Ние сакаме да го споделиме ова искуство со нашите партнери и со заедницата во Северна Македонија“, рече в. д. амбасадорката на САД Микаела Швајцер-Блум на приемот во амбасадата.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска

На приемот по повод 243-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност дојдоа премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, министри, пратеници, градоначалници, обвинители, судии…

Обвинителката Вилма Рускоска

Традиционално, приемот заврши со голем огномет.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

А. АНТЕВСКА

ФОТО: К. ПОПОВ