СИНЕДЕЈС ОТВОРА СО „КВАДРАТОТ“ НА ОСTЛУНД И „МАЈКА!“ НА АРОНОФСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Победникот на Канскиот филмски фестивал, „Квадратот“ на шведскиот автор Рубен Остлунд, вечерва во 20 часот во киното „Милениум“ ќе го отвори 16. фестивал на европски филм Синедејс.
По проекцијата на „Квадратот“, филм кој има четири номинации за претстојните Европски филмски награди, и тоа за режија, филм, сценарио и актер, на фестивалот ќе се прикаже новиот филм на Дарен Аронофски, „Мајка!“.

Во киното „Фросина“, во 21 часот, е закажана проекцијата на документарецот за Џон Колтрејн, „Бркајќи го Трен“ , а во 22.30 часот, во Младински културен центар (МКЦ) музика ќе пушта Бојан Чакра.

Синедејс годинава се одржува под мотото „Скопска линија, европска вожња“, а ќе трае до 19-ти месецов.
Во десетте дена, на Синедејс ќе се прикажат 135 филмови во повеќе програми: гала, официјална, СинеБалкан, музички документарци, Земја во Фокус-Шведска, МК кратки и студентски филмови.
Во придружната програма се најавени десет концерти, седум документарци и четири работилници.

Од МКЦ велат дека, покрај „Квадратот“, на фестивалот ќе се прикажат уште неколку филмови кои имаат номинации за европските Оскари, кои ќе се доделуваат на 9 декември. Во конкуренција за најдобар филм се „Без љубов“ на Андреј Звјагинцев и „ Другата страна на надежта“ на Аки Каурисмаки.

Синедејс има и фонд за награди од 300.000 денари за најдобриот филм во официјалната селекција и 300.000 денари за најдобриот филм во селекцијата СинеБалкан.

Фестивалот ќе затвори со премиерата на првиот долгометражен филм на Ѓорче Ставрески, „Исцелител“.

Билетите за гала-програмата се по цена од 150 денари, сите останати проекции се 100 денари, додека проекциите во рамките на студентската програма, МК кратки филмови, Земја во фокус и детската програма и за работилниците се со бесплатен влез.

Б. НЕСТОРОСКА