„АТОМИК“ Е ПРВАТА ВОДКА ОД ЧЕРНОБИЛ, НАУЧНИЦИТЕ ТВРДАТ ДЕКА Е БЕЗБЕДНА

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Научници од Универзитетот во Портсмут, Англија и од Украина направија водка од состојки од напуштената зона во Чернобил, но уверуваат оти е безбедна за пиење.

Водката „Атомик“ е направена од жито и вода од напуштената зона, и е прв потрошувачки производ кој доаѓа од просторот на напуштената нуклеарна централа.

Најголемата светска нуклеарна катастрофа се случи во 1986 во Чернобил, резултирајќи со илјадници жртви. Од експлозијата загинале 31 лице, но милиони биле изложени на опасни нивоа на радијација, а се проценува дека финалната бројка на лица кои починале по долгогодишни здравстени проблеми е 200 илјади. Речиси две децении властите го ограничуваа движењето околу реакторот и градовите и селата во близина.

Уништениот реактор сега е покриен со бетонско-челичен саркофаг, што се градеше девет години и чинеше 1,7 милијарди долари. Широк 275 метри и висок 108 метри (Фото: АФП)

„Триесет години по несреќата откривме дека земјоделските производи во тој регион се загадени малку над нивото дозволено за консумирање на производи во Украина. Значи тие не може да се јадат. Но, си рековме зошто да не го искористиме житото и да го преработиме во водка“, вели Џим Смит, шеф на истаражувачкиот проект што траел три години.

Ескпертите измешале дестилиран алкохол со минерална вода од извор во град на 10 километри јужно од реакторот, за кои тие велат дека не бил контаминиран.

„Кога нешто се дестилира, голем дел од нечистостиите остануваат во отпадниот производ, а финалниот е почист. Тоа го откривме со нашата водка, го ферментиравме житото па го дестилиравме“ вели тој.

Научниците велат дека до крајот на годинава водката ќе ја има во малопродажбата, и дека 75 отсто од профитот ќе оди во областите кои биле погодени од катастрофата.