Турските актери, кои синоќа на Охридско лето ја изведоа претставата „Буре барут“ според текстот на македонскиот драматург Дејан Дуковски, денес го посетија манастирскиот комплекс Св.Наум Охридски. Претставата е во режија на Јилдирај Шахинлер, во продукција на актерите од Народниот театар Истанбул.

Со туристичкиот водич на Охридско лето го посетија манастирот и изворите на реката Црн Дрим.

Актерите беа воодушевени, запознавајќи се со легендарните приказни за моќта и чудата на големиот светител Свети Наум Чудотворец (Фото: Охридско лето)

Актерите, како што велат од дирекцијата на фестивалот, биле воодушевени од богата историја, но и од спојот на духовното, природното и културното богатство на едно свето место.

„Првпат сум овде. Навистина прекрасно место. Многу убавина, но се чувствува и многу позтиивна енергија. Воодушевена сум од Охридското Езеро, големо и убаво како море“, рече актерката Башак Гумулџинелиоглу .

Министерот за култура Хусни Исмаили со неговиот претходник. поранешниот министер за култура Асаф Адеми на синоќешната изведба на претставата (Фото: Охридско лето)

Актерите беа воодушевени, запознавајќи се со легендарните приказни за моќта и чудата на големиот светител Свети Наум Чудотворец.
„Многу ни се допадна Охрид. Градот, историјата, културата, но и гостопримството на љубезните домаќини. Би сакале повторно да дојдеме тука“, рече режисерот Шахинлер.

Со туристичкиот водич на Охридско лето го посетија манастирот и изворите на реката Црн Дрим (Фото: Охридско лето)

Голем дел од уметниците на фестивалот Охридско лето, годинава за прв пат имаат можност да прошетаат со туристички водич низ Охрид и манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски.

„Целта е светски познатите музичари и актери да се запознаат со културата, историјата и традицијата на Охрид и со себе да понесат незаборавни спомени“, вели фестивалот.

Д. ЧУБРИЌ