БРИТАНИЈА И ЕВРОПСКА УНИЈА СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА БРЕГЗИТ, ЌЕ СЕ ПРИМЕНИ НОВ ПРОТОКОЛ ЗА ИРСКИОТ ОСТРОВ

Лондон, (Би-Би-Си)

Велика Британија и Европска Унија конечно постигнаа договор за брегзит и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека нема потреба од негово повторно одложување.

Најголемиот предизвик за двете страни беше да се избегне враќањето на јасната граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска после брегзит. Нов протокол ќе го замени контроверзниот бекстоп од планот на Тереза Меј, но поголемиот дел од договорот останува ист.

  • Северна Ирска ќе се усогласи со заедничкиот европски пазар.
  • Целото Обединето Кралство ќе ја напушти европската царинска унија и ќе може да склучува трговски договори со други земји.
  • Ќе се воведе царинска граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска (која останува во ЕУ), но во пракса, таа ќе се наоѓа меѓу Велика Британија и островот Ирска, при што стоките ќе се проверуваат на влез во Северна Ирска.
  • На ирскиот остров нема да има царински контроли, туку тие ќе се прават во пристаништата.
  • За стоките кои од Велика Британија ќе влегуваат во Северна Ирска нема да се применуваат европските царински тарифи.
  • Нема да се проверува личниот багаж на патниците кои ја преминуваат ирската граница.

Иако премиерот Борис Џонсон останува на ставот дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, новопостигнатиот договор прво мора да помине во британскиот парламент, кој за првпат од Фолкландската војна во 1982 година ќе заседава во сабота. Сите големи опозициски партии рекоа дека се против договорот, исто како и довчерашниот сојузник на Џонсон, Демократската унионистичка партија на Северна Ирска.