Со концертот симболично насловен „Среќен роденден“, Филхармонијата вечерва (20 часот) ќе ја прослави 75-годишнината од формирањето.
Како солист ќе настапи исклучителната кинеска пијанистка Зи Зи. Со оркестарот ќе диригира Борјан Цанев, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар од Јоханес Брамс, „Фантазија корале“ од Томислав Зографски и варијациите „Среќен роденден“ од младиот македонски композитор Филип Иванов.
„Имагинативна и возбудлива, Зи Зи е една од најуникатните појави во новата генерација пијанисти. Критичарите ја опишуваат како полна со ентузијазам, гламур и младешка енергија, а за нејзините изведувачки капацитети велат дека ‘може да ги пренесе слушателите во друга реалност’. Критичарите не штедат пофалби и за нејзината креативна зрелост и пишуваат дека таа во своите изведби е ‘моќна, страстна, полна со чист артизам’“, вели Филхармонијата.
Зи Зи почнала да учи пијано на пет години во Германија. По враќањето во Кина, таа станала една од најзначајните млади пијанистки, настапувајќи во водечките кинески оркестри. Своето музичко образование го комплетирала на „Џулијард“ во Њујорк. Добитничка е на бројни награди, меѓу кои и главната награда на натпреварот „Кралица Елизабета“ во 2013.