Учесникот на Берлинале, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, е годинашниот добитник на филмската награда Лукс, што ја доделува Европски парламент.
За оваа награда, која се доделува од 2007 година, гласаат европските парламентарци, а во конкуренција беа и филмовите „Нерешениот случај Хамарскјолд“ (Данска/Норвешка/Шведска/Белгија) и „Кралство“ (Шпанија/Франција).
„Во Македонија постојано ме критикуваат дека моите филмови се премногу политички и тоа е вистина. Како автор, моја должност е да зборувам за проблеми за кои никој не се осмелува да зборува. И затоа, во името на сите креативци и автори од Европа ве повикувам да го обезбедите нашето најосновно право: слобода на говор и изразување“, изјави режисерката Теона Стругар Митевска од говорницата на Европскиот парламент во Брисел откако денеска ја прими наградата.
Трите финалисти за наградата се преведени на 24-те официјални јазици на Европската Унија и до февруари ќе бидат прикажани во сите 28 членки на ЕУ.