ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКА ВЕЧЕРВА ГО ПРОМОВИРА НОВИОТ РОМАН ВО КИНО КУЛТУРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новиот роман на писателката Оливера Ќорвезироска, „Аб’т – роман длабок 18 метри“, во издание на „Или-Или“, ќе биде промовиран вечерва во 20 часот во Кино Култура.

Покрај авторката, на книжевната вечер ќе учествуваат и актерот Јовица Михајловски и писателот Владимир Јанковски, кој ќе го води разговорот.

Ќорвезироска (1965) е писателка и критичарка, добитничка на повеќе книжевни награди, авторка на 16 книги (раскази, романи, книги за деца, книжевна критика), од кои „Или-Или“ досега ги објави и „Еден текст и една жена“, „Сошиени раскази“ и „Улиците што ги нема“.

„’Аб’т’ е колку современ, толку и роман за времињата што минуваат и се испреплетуваат, влијаејќи едни на други, роман за човечката душа и за нејзините треперења, па и за нејзините одгласи наоколу, што се отсликуваат и пресоздаваат во слики што нѐ потресуваат со оригиналноста и многузначноста“, стои во импресиите на писателката Оливера Николова за романот.