АКО НИ ОСТАВИТЕ СВЕТ ШТО МОРАЛНО И ЕКОЛОШКИ СЕ РАСПАЃА, НЕМА ДА ВИ ПРОСТИМЕ – БИТОЛА ПО 25 ГОДИНИ ДОБИ ДЕТСКА ПРЕТСТАВА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

„Ако изберете да нѐ разочарате, никогаш нема да ви простиме. И ако ни оставите свет што се распаѓа и еколошки и морално, ќе си најдеме начин да исчезнеме од него“. Ова е пораката што ликот Андреа ја упати до возрасните на вчерашната премиера на детско-младинската претстава „Си беше еднаш во иднината“ по текст на Сашо Кокаланов, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ, а во изведба на Народниот театар од Битола. Ова е прва претстава за деца и млади во продукција на Битолскиот театар по пауза од 25 години и салата беше полна. Донесе освежување на репертоарот, но и силни социолошки пораки за семејството.

Во неа се преплетоа две приказни на девојчиња од различни делови на светот кои на крај ќе се спојат во земја што не е именувана, но по загадениот воздух со ПМ10 и ПМ 2,5 честички, термоелектрани и коридор на мигранти потсетува на нашата.

„Си беше еднаш во иднината“ донесе освежување на репертоарот, но и силни социолошки пораки за семејството. (Фото: Битолски театар)

Преку здодевниот живот на Андреа, чиј лик го игра Анастазиа Христовска, прикажан е животот на многу деца кои се дружат со компјутери и мобилни телефони додека родителите им се зафатени со правење пари, а се отуѓени и од другарите. Андреа ја запоставиле родителите, таткото бизнисмен кој тргува низ цел свет и ги финансира лекарските мисии на мајка ѝ во Африка и Азија. Преку креативните костими и сценографија на Лидија Георгиева и Марија Ветероска, прикажан е животот на девојчето оставено само дома, со андроид да ја чува.

Копнеејќи по родителите таа вели: „Сакам да станам дигитална, сите мисли, желби, телото да ми ги ставите на клауд и така ќе продолжам да живеам засекогаш во облаците, немојте да се грижите, ќе можете да ме повикате секаде каде ќе има стабилен 7-Г интернет“.

Таткото и онака излуден по работата ѝ вели: „Да почекаме да напредне технологијата, да падне цената, па ќе станеш дигитал. Памтиш, кога излезе ајфон 10 чинеше 1.200 евра, а кога илезе 13-ката, десетката падна на 500 евра. Не сакаме да те загубиме. Што ако падне серверот? Да имаме пари да те закачиме барем на два сервери, па потоа да станеш дигитал“.

Ангела со андроидот/Адила со папагалот (Фото: Битолски театар)

Од другата страна на светот, поради војна, огништето го напуштила Адила, улогата ја игра Сандра Грибова. Мајката и таткото се удавиле како мигранти на бродот, па останале таа со папагалот Рамин. Га спасува полицаец и ги крие кај Андреа. Таа добива другарка, а оваа дом. Увидувајќи ги стравотиите низ кои поминала Адила, Андреа им држи лекција на родителите.

„Ми ги украдовте соништата, детството ми го украдовте, јас сум уште една од среќните, луѓето страдаат, умираат, цела планета се распаѓа. Вие зборувате само за пари, економски раст, докторски херојски мисии. Цело човештво е на почетокот на масовно исчезнување. Сите возрасни сте исти, како да не сте дел од светот што тоне. Ако изберете да нѐ разочарате, никогаш нема да ви простиме. И ако ни оставите свет што се распаѓа и еколошки и морално, ќе си најдеме начин да исчезнеме од него“, вели Ангела.

Претставата завршува оптимистички. Родителите се враќаат дома, а кај нив останува и мигрантката, па така Ангела се откажува од сонот да стане дел од дигиталниот свет. Ведра нота на претставата ѝ даде актерот Никола Пројчевски, во улогата на папагалот Рамин. Публиката актерите ги испрати со големи аплаузи, со што покажа дека е жедна за квалитетни детски и младински претстави.

Ж. ЗДРАВКОВСКА