Петтиот роман на Винка Саздова, насловен „Вилино“, ќе биде промовиран вечерва во 19 часот во локалот „Сиеста“ во Скопје. Новиот роман во издание на „Три“ ќе го промовира професорот и писател Венко Андоновски.
„Вилино“ е уште еден современ психолошки роман на Саздова, жесток роман за повикот на слободата и стравот од неа и за доброволното ропство во „сигурните“ брачни води.
„Централното прашање што се поставува е: каде исчезнува онаа вселенска љубов откако ќе се оформи семејство? Видан-Огнена-Тони: семеен триаголник на двајца отуѓени сопружници и нивниот син. Ова е потресна приказна за тоа како најблиските кои се сакале влегуваат во магичниот круг на повредување на другиот“, вели издавачот.
Саздова досега ги има објавено „Последниот чај“ (2009), „Полиња со диви нарциси“ (2011), „Понекогаш доаѓа среќа“ (2013) и „Луна“ (2015). „Последниот чај“ е преведен на српски, хрватски и бугарски јазик. Двапати е прогласена за Најчитан автор: во 2012 од НУБ „Св. Климент Охридски“, а во 2014 од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.