Филмски и музички ѕвезди се мобилизираат за да ја помогнат борбата против катастрофалните пожари што веќе со месеци ја пустошат Австралија и во кои досега загинаа најмалку 25 луѓе.
Актерот Крис Хемсворт, кој се прослави со улогата на Тор, и Елтон Џон објавија дека ќе донираат по еден милион долари за австралиските пожарникари, додека американскиот метал бенд „Металика“ ќе ги помогне со двојно помала сума.
„Како и вие, и јас сакам да ја поддржам борбата против пожарите во Австралија. Јас и моето семејство донираме еден милион долари, се надеваме дека и вие ќе придонесете“, се обрати Хемсворт преку Инстаграм.
Пожарите се редовна појава во Австралија во овој период од годината, но високите температури и долгата суша придонесоа ситуацијата сега да биде далеку полоша, а летото на континентот допрва почнува. Тие досега зафатиле површина од 8,4 милиони хектари.
Членовите на „Металика“ кажаа дека ќе донираат 750.000 австралиски долари (516.000 американски долари) за пожарникарските служби во Нов Јужен Велс и Викторија, двете најпогодени сојузни држави, во кои досега изгореле над 2.000 домови.
„Пожарите имаат уништувачки ефекти врз жителите, животните, природата и земјата и сето тоа е многу трогателно“, објави групата.
Претходно, донација од 500.000 долари ветија и Кајли Миног, Пинк и Никол Кидман со сопругот Кит Урбан.