Во Драмски театар вечерва (20 часот) ќе има праизведба на претставата „Мојот маж“, според истоимената збирка раскази на македонската писателка Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ.
Драматизацијата на шест раскази од збирката која беше објавена во 2014 ја работеле Викторија Рангелова-Петровска и Витошевиќ.
Драмската структура на претставата е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали: драматизацијата на шесте раскази („Супа“, „Празно гнездо“, „Прељубник“, „Осми март“, „Гени“ и „Лиле“) и документарниот материјал произлезен од авторските монолози.
„Сакаме преку отворање ранливи точки да проговориме за некои стигми и табуа кои се длабоко вкоренети во македонскиот конзервативизам и патријархат и на многу искрен и реален начин да воспоставивме дијалог, не само со расказите на Румена, туку и со самата публика“, вели Витошевиќ.
Во претставата играат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ. Костимите се на Роза Трајчевска-Ристоска, сценографијата на Константин Трпеноски, а изборот на музика на Витошевиќ. Репризата е на 20 февруари.
Б. НЕСТОРОСКА