ДЕНЕС Е ТИВКО НА СЦЕНАТА, НО СВЕТЛАТА ПАК ЌЕ СЕ ЗАПАЛАТ – МНТ СЛАВИ 75 ГОДИНИ ОД ПРВАТА ПРЕМИЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот народен театар (МНТ) денеска слави 75 години од својата прва премиера, претставата „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров. Театрите, како и сите други културни и воспитно-образовни установи, со одлука на Владата од минатиот месец се затворени поради ширењето на коронавирусот.

Сцена од претставата „Пикник“ од 1958 (Фото: МНТ)

„Иако денес сцената е празна, сите ние ги чувствуваме мирисот на сцената и театарската светлина во нас. Сите овие изминати години беа исполнети со дружење, смеа, креативност, силина, моќ, радост… Вие, актерите од различни генерации, одигравте/играте на сцената со бескрајни посветеност, страст, жар и пожртвуваност и секогаш дававте/давате сѐ од себе“, велат од МНТ.

Огромен е бројот на режисери, драматурзи, сценографи, костимографи, композитори, светло, тон и видео-мајстори, инженери, гардеробери, реквизитери, шминкери, фризери, изработувачи на сценографија, декоратери и административци кои со неуморна сила секогаш се присутни зад сцената, овозможувајќи непречено да се одвива магијата.

„Сите заедно направивме театарот да живее, расте и развива и истовремено да се прикаже миг од животот пред верната публика. Иако првпат се соочуваме со празна сцена и празни седишта, повторно светлата ќе се запалат и вие, актерите, ќе ги облечете костимите и ќе изговорите текст, затоа што театарот бил, тука е и ќе остане засекогаш. Иако сега е тивок период на сцената, неговото бескрајно патување низ времето продолжува со креирање и планирање нови претстави, проекти и изложби“, велат од театарот.

Сцена од „Балканот не е мртов“ од 2001 (Фото: МНТ)