Американската пејачка Пинк објави дека имала позитивен тест на коронавирус и дека ќе донира еден милион долари на два фонда поврзани со оваа болест.
Пинк кажа дека таа и нејзиниот тригодишен син почнале да покажуваат симптоми пред две недели, по што се тестирале.
„Моето семејство веќе беше во изолација дома. Се тестиравме повторно пред неколку дена и негативни сме“, кажа Пинк на Твитер.
Таа им порача на сите луѓе да останат дома во наредните две, критични недели и ги повика властите да прават масовни тестирања.
„Оваа болест е вистинска и сериозна. Луѓето треба да знаат дека погодува и млади и стари, и богати и сиромашни и затоа тестирањето треба да им биде достапно на сите. Срамота е што владата не го овозможува тоа“, напиша Пинк.