Сопственикот на „Зара“ објави дека ќе затвори околу 1.200 дуќани низ цел свет, со цел да ја зголеми продажбата на своите производи преку интернет среде хаосот што го предизвика пандемијата на коронавирусот.
Шпанската групација „Индитекс“ исто така ги поседува брендовите „Бершка“, „Пул енд бер“ и „Масимо Дути“. Затворањето најмногу ќе ги погоди Европа и Азија.
„Индитекс“, еден од најголемите светски продавачи на облека, беше тешко погоден од пандемијата, при што продажбата се намалила за 44% во периодот од 1 февруари до 30 април. Таа пријави загуба од 409 милиони евра во првиот квартал од годината откако голем дел од дуќаните останале затворени до 8 јуни.