Осумнаесетгодишната Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина која стана дел од светски познатиот театар Бољшој во Москва, е добитничка на наградата Менада за најдобар млад уметник, што ја доделува Танц фест Скопје.
„Стефанија Гаштарска е единствената балерина во досегашната историја на македонската балетска уметност која ќе работи во овој престижен ансамбл. Во периодот на своето школување во класата на Ирина Михајловна Пјаткина во Бољшој академијата, Гаштарска работи со врвни балетски педагози и се истакнува со своите умешност, елеганција и прецизност во изведбите. Гаштарска е единствената интернационална балерина која работи во класа со руски соученици“, соопшти Танц фест, кој ќе се одржи на 4 и 5 септември.
Гаштарска заврши нижо и средно балетско училиште во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во 2016, подготвувана од Елисавета Кушевска, настапи на престижниот балетски натпревар „Арабеска“ и на 14 години стана најмладиот финалист, пласирајќи се меѓу најдобрите осум.
Поради успехот кој го постигна и начинот на кој се претстави, беше поканета да се школува во Државното училиште во Перм, каде заврши едногодишна обука. Школувањето го продолжи во врвната Бољшој балетска академија, која со одличен успех ја заврши годинава и веднаш доби понуда да работи во престижниот Бољшој.
Б. НЕСТОРОСКА