ПРЕТСТАВЕНА ЗАШТИТНА МАСКА КОЈА СЕ ПОЛНИ НА БАТЕРИИ И САМА СЕ ДЕЗИНФИЦИРА

Берлин, (ДПА)

Јужнокорејската компанија „Ел-Џи“ на Саемот за технологија во Берлин претстави високотехнолошка заштитна маска која се полни на батерии, може да се поврзе со мобилниот телефон, сама се дезинфицира со УВ-светла и е пријатна за носење.

Од компанијата велат дека нивната маска „Пјуикер“ ќе го олесни секојдневниот живот во пандемијата на коронавирусот, особено на оние кои поминуваат многу часови на работно место или во јавен превоз.

Електронската маска има два филтра и два вентилатора кои ја адаптираат брзината на ротација во зависност од брзината на дишењето. За разлика од обичните платнени и хируршки маски кои го минимизираат ризикот од зараза со коронавирус, овие филтри овозможуваат да се дише чист воздух и во средини со голем број луѓе.

„Ел-Џи“ најави дека маската ќе се најде на пазарот до крајот на годината, но не ја кажа цената.