Илустрации од големиот ликовен уметник Димитар Кондовски, еден од доајените на македонското сликарство, ќе бидат изложени на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца Литера. Фестивалот ќе се одржува од 14 до 19 октомври на повеќе локации, како Даут-пашин амам и Мала станица, каде што ќе биде отворањето.
Агенцијата „Ефектива“, организатор на фестивалот, најавува дека на настанот ќе има работилници на кои деца на различна возраст ќе имаат можност да се едуцираат и да ги запознаат и истражуваат делата на Кондовски. Тие ќе креираат и свои приказни, инспирирајќи се од делата на великанот на македонската илустрација.
Со својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Кондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство и оваа изложба е своевиден вовед во ретроспективната изложба што ја подготвува Националната галерија.