Четириесет и седум години по основањето и со она што е најблиску до класична постава, легендарните австралиски хард рокери „Еј-Си/Ди-Си“ денеска го објавија својот 17. студиски албум „Power Up“, нивни прв по шест години пауза.
Тоа исто така е првиот албум по смртта на бившиот гитарист и еден од основачите на бендот Малколм Јанг во 2017 година и тој се јавува како коавтор на сите 12 песни. „Power Up“ е, всушност, составен од неискористени песни, насобрани низ долгиот живот на групата.
„Ние не сме некои духовни луѓе, но сите го чувствувавме Малколм околу нас. Малколм беше многу силен карактер во реалниот живот, па неговото заминување нема да го запре тоа. Тој беше тука, насекаде и мислам дека тоа може да се забележи и на албумот“, вели пејачот Брајан Џонсон.
Повеќето песни потекнуваат од плоден авторски период од долгата пауза меѓу два албума од 2000 до 2008 година и гитаристот Ангус Јанг вели дека ги избрал оние кои најмногу потсетуваат на неговиот покоен брат. Албумот е снимен во 2018 и во почетокот на 2019, но пандемијата на коронавирусот го одложи неговото издавање.
Освен Џонсон, во групата се вратија и долгогодишните басист и тапанар Клиф Вилијамс и Фил Рад, додека Малколм веќе неколку години го менува неговиот внук Стиви, кој со своите 63 години и генерациски не отскокнува многу од останатите членови.