ЛЕДЕНИОТ ХОТЕЛ ВО ШВЕДСКА СЕ ОТВОРИ ПО 31. ПАТ, ВО СОБИТЕ СЕ СПИЕ НА -5 СТЕПЕНИ

Стокхолм, (Дизајнбум)

Секој декември, студениот „Ајсхотел“ на северот на Шведска на неколку месеци ги отвора своите замрзнати соби исполнети со неверојатни ледени скулптури, пред да се истопат како што арктичката зима се заменува со пролет.

Ова е 31. издание на „Ајсхотел“, за чија изградба биле собрани илјадници ледени блокови од замрзнатата река Торне во Јукасјерви, во шведскиот дел на Лапонија, што потоа биле преработени во скулптури од тим од 24 вешти уметници.

„Ајсхотел“ содржи 12 нови замрзнати уметнички апартмани, како и уште шест во постојаниот хотел отворен во близина. Во хотелот се служат пијачки од леден бар, а опремен е и со леден мебел, сауна и сала за венчавање. Собите се одржуваат на температура од -5 Целзиусови степени, при што гостите спијат на дебел душек и покриени со кожи од ирвас.

Хотелот ќе биде отворен до 11 април 2021, по што ќе биде оставен да се истопи. Едно ноќевање чини 2.595 шведски круни (310 долари).

(Фото: А. Клигер)