Огромни снежни лавиринти, ледени кули и кристални палати направени од големи блокови мраз ги воодушевуваат посетителите на новото издание на најголемиот светски фестивал на скулптури од снег и лед, чиј домаќин е кинескиот град Харбин. Штом сонцето ќе зајде, дел од градот светнува, бидејќи неверојатните ледени уметнички дела се осветлуваат со разни бои.
Ледениот град од бајките и официјално се отвори вчера на североистокот на Кина. За да се изгради, биле потребни само 18 дена.
Повеќе од 10.000 скулптори и работници учествувале во конструкцијата на 37. издание на фестивалот, за што се користи исклучиво мраз од локалната река Сонгхуа. За да се задоволат стандардите на квалитет, секој блок мраз мора да биде 80 сантиметри широк, 40 сантиметри дебел и 120 сантиметри долг.
Градот се простира на 600.000 квадратни метри и ќе биде отворен до крајот на февруари.
(Фото: АФП)