КРИСТИЈАНО РОНАЛДО НЕ СЕ ВРАЌА ВО РЕАЛ, ТВРДИ ЈУВЕНТУС

Торино, (Би-Би-Си)

Кристијано Роналдо ќе остане во Јувентус до крајот на неговиот договор, тврди потпретседателот на клубот Павел Недвед, откако се појавија шпекулации дека тој ова лето ќе се врати во Реал Мадрид.

Еден од најдобрите фудбалери на светот се соочи со големи критики оваа сезона, како што Јувентус се мачи во Серија А и рано отпадна од Лигата на шампионите. Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, неодамна кажа дека шпекулациите за враќањето на Роналдо би можеле да бидат точни.

„Тој има договор до 30 јуни 2022 и ќе остане. Според мене, никој нема да го допре Кристијано“, изјави Недвед, додавајќи и дека позицијата на тренерот Андреа Пирло е сигурна.

Роналдо четири пати ја освои Лигата на шампионите со Реал пред да се пресели во Јувентус во 2018 година, но и покрај големите очекувања, европски успеси изостанаа.