Актерот од ТВ-серијата „Дамски гамбит“, Џејкоб Форчн-Лојд, ќе ја има главната улога во нов биографски филм за Брајан Епстајн, визионерскиот британски менаџер кој имаше најголеми заслуги за пробивот на „Битлс“ на светската музичка сцена.
Откако го играше талентираниот шахист и новинар Таунс во една од најуспешните серии на „Нетфликс“, Форчн-Лојд сега ќе биде Епстајн во филмот „Midas Man“, што ќе го снима популарниот режисер на видеоспотови Јонас Окерлунд. Шведскиот режисер има соработувано со Мадона, Пол Макартни, Леди Гага, „Рамштајн“ и „Продиџи“.
Филмот за Епстајн, кој бил менаџер на „Битлс“ од 1962 до неговата смрт во 1967, ќе се снима годинава во Лондон, Ливерпул и во САД. Епстајн почина на 32-годишна возраст од предозирање со лекови и се верува дека тоа го забрзало распадот на „Битлс“.