Книга со 1.000 афоризми на познатиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски е објавена деновие. Со најновото издание, 35. по ред, тој своето продуктивно творештво го заокружува со објавени 15.000 афоризми, досетки и разни мудри мисли од сите области, од политика до спорт.
Ѓорѓијоски, кој пишува и афоризми за деца, е автор на првата светска антологија на мудри мисли, поговорки и афоризми од антиката до денес.
„По минатогодишното прво издание, во завршна подготовка сум и на второто, кое ќе содржи мудри мисли, поговорки и афоризми на познати светски филозофи, писатели, музичари, политичари и афористичари, на личности како Аристотел, Соломон, Ниче, Линколн, Ганди, Леонардо да Винчи, Моцарт, Пушкин, Иво Андриќ, Мирослав Крлежа, а застапени се и македонските великани Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Владо Урошевиќ и други“, вели Ѓорѓијоски.
Тој најавува дека наскоро од печат ќе излезе и книга со афоризми за деца под наслов „Палави афоризмичиња“, во издание на Славјанскиот универзитет од Свети Николе.
Своето творештво и бројните награди и признанија што ги добил во земјата и странство, како и најновите изданија што наскоро треба да излезат од печат има намера да ги презентира на посебен настан, што треба да се случи штом ќе помине коронакризата.
Т. ЈОВАНОВСКИ