КОНТРОВЕРЗНИОТ УМЕТНИК ОЛЕГ КУЛИК ВО ВТОРНИК СО ИЗЛОЖБА ВО МАЛА СТАНИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Олег Кулик, еден од најконтроверзните уметници од источниот блок чии акции и перформанси сѐ уште предизвикуваат непријатност, отпор, па дури и шок, во вторник ќе има изложба во Мултимедијалниот центар Мала станица.

Националната галерија на Северна Македонија најавува дека изложбата „Merry-go-round“ се организира во соработка со самиот автор и Музејот на современа уметност на Војводина во Нови Сад, од каде што ја преземаат.

„Ова е ретроспективна изложба на моите перформанси, но од гледна точка на мојот нов период – периодот на скулптури. Всушност, ова е враќање кон моето потекло, бидејќи започнав како вајар во раните 1980-ти. Сега ме интересира телото како скулптура. Порано имав интерес за телото во одредена ситуација“, вели Кулик.

Олег Кулик е роден во 1961 во Киев и важи за еден од основачите на акционизмот во постсоветска Русија. Преку својата работа ги истражува односите помеѓу политиката и моќта, емоционалните и физичките аспекти на односот помеѓу луѓето и животните, нормалноста и отстапувањето, кичот и уметноста. Живее и работи во Москва.

Одговорен кустос за проектот е Ана Франговска.