НОВА АПЛИКАЦИЈА ЌЕ ГО ОЛЕСНИ ОТКАЖУВАЊЕТО ОД ПУШЕЊЕ

Њујорк, (Тек радар)

Ако планирате да се откажете од пушењето, наскоро во тоа ќе може да ви помогне новиот сервис наречен „Смоукбит“, преку кој ќе се води сметка за дневното количество цигари што ги пушите.

Оваа услуга ќе го користи бројот на гестови кога раката се приближува до устата преку сензори, вградени во вашиот смарт часовник.

Компанијата „Соматикс“ открила начин на којшто може да се направи разлика помеѓу движењето на раката при пушење и другите движења, како кога јадеме, пиеме или, пак, ги грицкаме ноктите.

На овој начин, апликацијата ќе ви овозможи пресметки колку сте пушеле во одреден период, прикажувајќи го и дневниот период и дури ќе ви дава финансиска пресметка колку вкупно сте потрошиле за цигари.

Покрај ова, „Смоукбит“ ќе овозможи и да се споредуваат промените и прогресот со други луѓе, кои, исто така, ја користат апликацијата.

Понекогаш, и самото мониторирање колку пушите на дневна база може да биде голем чекор кон промена на навиката.