ЗА 30 ГОДИНИ СОЗДАДЕНИ 1.000 ДЕЛА ВО ЛЕСНОВСКАТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Илјада сликарски дела се создадени во Лесновската ликовна колонија за 30-те години колку што се одржува. По Кочани, годинашнава колекција од триесет ликовни дела сега се презентира и во уметничката галерија на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

„За три децении, Лесновската ликовна колонија продуцираше 1.000 дела и тие се дел од големата уметничка колекција на Домот на културата во Пробиштип. Општината и Министерството за култура се традиционални помагатели на колонијата, која секоја година во летниот период се одржува кај Лесновскиот манастир“, рече директорката на Домот на културата „Злетовски рудар“ во Пробиштип, Сандра Мијалковска.

И оваа година, колонијата имаше меѓународен карактер, па учествуваа 30 сликари од Македонија, Србија и Бугарија.

„Уште со завршувањето на годинашнава колонија, почнавме да ги правиме подготовките за наредната. Се обидуваме секоја година да понудиме новитети, особено во организациска смисла, за уметниците да имаат подобри услови за творештво. Нивните дела ќе бидат презентирани во секој град кој ќе пројави интерес“, вели Мијалковска.

Т. ЈОВАНОВСКИ