Новак Ѓоковиќ денеска и официјално се врати на првото место на АТП-листата, што го обезбеди со вчерашната победа над Стефанос Циципас во финалето на Отвореното првенство на Австралија. Тој беше особено емотивен откако ја освои десеттата титула во Мелбурн и вкупно 22. гренд слем трофеј во кариерата, со што го дели рекордот со Рафаел Надал.
Ѓоковиќ се врати на врвот на светскиот тениски поредок за првпат од 12 јуни, а многу го чинеше и тоа што лани не се доделуваа поени на Вимблдон. Ова е неговата 374. недела на првото место, што е исто така рекорд.
Светски рекет број еден досега беше младиот Шпанец Карлос Алкарас, кој не настапи во Мелбурн поради повреда. Ѓоковиќ сега има 340 поени повеќе од него, па следуваат Циципас, Каспер Руд и Андреј Рублев.
(Фото: АП)