Пол Макартни кажа дека со помош на вештачката интелигенција ја создал последната песна на „Битлс“. Тој ја употребил оваа технологија за да го исчисти гласот на Џон Ленон од стара демо снимка за да може да ја комплетира песната.
„Само што ја завршивме и ќе биде објавена оваа година“, изјави Макартни.
Тој не го откри името на песната, но најверојатно е композицијата на Ленон од 1978, „Now And Then“. Таа веќе се сметаше за можна песна за обединувањето на групата кога во 1995 се правеше колекцијата „Антологија“.
Макартни една година порано го добил демото од вдовицата на Ленон, Јоко Оно. „Now And Then“ била една од неколкуте песни од касетата „За Пол“, што Ленон ја снимил непосредно пред да биде убиен во 1980. Исчистени од продуцентот Џеф Лин, две од овие песни („Free As A Bird“ и „Real Love“) беа објавени во 1995 и 1996 како прв нов материјал на „Битлс“ по пауза од 25 години.
Во изминатите години, Макартни збореше за желбата да ја заврши „Now And Then“ откако претходно Џорџ Харисон одбил да работи на неа. Тој вели дека конечно успеал во намерата благодарение на новата технологија.
(Фото: Гети)