ЧЕТИРИ ДЕНА МЕТАЛ И ПИВО – НАД 150 БЕНДОВИ СВИРЕА НА 26. ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ БРУТАЛ АСОЛТ ВО ЧЕШКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе од 150 бендови настапија за 17.000 луѓе на 26. издание на Брутал асолт (Brutal Assault), еден од најзначајните метал фестивали во Европа, кој се одржува во кругот на некогашната воена утврда Јозефов во чешкиот град Јаромер.

Се проценува дека оваа година имаше 17.000 посетители (Фото: Фејсбук)

Во текот на четирите фестивалски дена, легендарни и помалку познати бендови непрекинато се изменуваа на четири бини од 10:30 до речиси три часот (кога последниот стејџ сѐ уште беше полн со луѓе), па беше физички невозможно да се види сѐ за што сте дојдени. И не е само музиката, тука се и бројните шанкови, чил аут зоната и непосредната близина на градот, кои овозможуваат да се одморат нозете и главата од моќниот звук.

Брутал асолт се спаси од дождовите кои летово направија големи проблеми на некои други метал фестивали (Фото: Г. Конев)

Иако метал фестивал, на Брутал асолт нема само метал, хардкор и металкор, па меѓу два вакви бенда може да влета и мрачна електроника на „Пертурбатор“ или ритуално-транс перформанс на неофолкерите „Хајлунг“. Ако и тоа не е доволно, има посебен простор за експериментална и ноиз музика, па и брејкбит журки. Многумина би се изненадиле колку металците се отворени кон други музички жанрови.

Листата учесници секогаш е комбинација на легендарни и помалку познати бендови (Фото: Фејсбук)

За тоа време, чешко пиво непрекинато се точи и служи со многу позитива и трпение од персоналот, а локалниот воздух и фактот дека дел од кампот за посетителите е сместен во шумичка се најдобриот лек за евентуален мамурлак.

Чил аут зоната на фестивалот (Фото: Г. Конев)

Иако постои веќе четврт век, Брутал асолт не е голем, комерцијален и скап фестивал како Вакен или Хелфест (кои се распродаваат една година однапред), што го прави подостапен и за македонските металци, кои, иако во мал број, се редовни посетители со години.

Г. КОНЕВ